Идејата дека може да го отфрлите референдумот и спогодбата со Грција, а да станете членка на НАТО е целосна илузија, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
„Нема друг пат за зачленување во НАТО освен прифаќање на договорот со Грција. Знам дека некои во земјата може да кажат ‘не’ за референдумот, а ‘да’ за членство во НАТО, но нема таква алтернатива. Ако нема спогодба за името нема ни членство во НАТО“, рече тој.
Столтенберг рече дека ги охрабрува гласачите да се појават во голем број на референдумот. „Ова е единствена шанса во животот да станете дел од НАТО. Разговорите се во тек, членството во НАТО е на дофат. Ова е можност да се зајакнат мирот и стабилноста како во земјата така и во регионот“, рече Столтенберг и додаде дека е убеден дека кога ќе заврши националната прцедура сите членки на НАТО ќе го ратификуваат пристапувањето на Македонија.
Тој додаде дека членството во НАТО обезбедува и економски просперитет и ја спомена Црна Гора во која, како што рече, откако лани пристапила кон алијансата инвестициите во земјата двојно се зголемиле.
Столтенберг забележа дека реформите во земјата се спроведуваат. „Сакаме да ја видиме вашата земја како успешна земја, вратите на НАТО се отворени, но само народот на оваа земја се тие кои ќе можат да одлучат да го изодат тој пат. Вашата иднина е во во ваши раце додека ние ве чекаме во НАТО“, порача Столтенберг и на македонски јазик порача: „Ве чекаме во НАТО“.
OhridNews
Макфакс