-Новиот министер сакаше да има поголем увид во целата работа. Се открија одредени проблеми во изградбата и за да се решат работите најдобро беше тие да се стопираат на одредено време за да се утврди дали проблемот е во изведувачот или во надзорот. Мислам дека ова е правилна одлука на Министерството за здравство за да ги канализира работите и тие да добијат правилен тек, односно проблемот да се реши. Свесни сме дека на Охрид му требаше нова болница, но не болница која ќе се гради 15 години. Ние сакаме да добиеме во најкраток можен рок нова современа болница како што беа почетните договори со фирмите кои го добија тендерот.-изјави директорот Арнаудов.
Д-р Љубен Арнаудов
За реконструкција на охридската болница Министерството за здравство распиша меѓународен тендер, кој го доби бугарската компанија „ГБС“ од Благоевград, а работите ги изведува скопската градежна фирма „ДОТ Архитекти“, по проект на „Иванов инженеринг“ од Битола, кој воедно го врши и надзорот. Градежните работи за реконструкција на старото болничко крило, што започнаа минатиот октомври, требаше да бидат завршени за 16 месеци, но по се изгледа дека рокот ќе бидат пробиен, што според овластениот претставник на изведувачот се должи на направен превид во проектот.
-Ова повлекува изработка на нов проект, да се најде ново решение. Како изведувачи тоа не е наша должност, а рокот ќе се усогласи со министерството, проектната единица и другите релевантни органи.Ние сме само изведувачи, она што ќе ни се даде како проект сработен коректно, должни сме тоа да го извршиме.-изјави Луција Јовановиќ – Ошавков, претставник на изведувачот, градежната фирма „ДОТ Архитекти“.
Луција Јовановиќ – Ошавков
Првично за реконструкција на охридската општа болница беа предвидени околу 2,5 милиони евра, а засега не се знае дали и колку проблемите кои се јавија во текот на изградбата ќе влијаат на цената на чинење. Поради реконструкцијата на старото болничко крило одделенијата кои беа сместени таму: хирургија, урологија и уво грло и нос сега функционираат во импровизирани услови во другите оддели, додека породувањата и операциите се извршуваат во болницата во Струга каде е префрлен дел од персоналот од гинекологија.
Раководството на охридската општа болница очекува дека Министерството за здравство брзо ќе изнајде решение за проблемот и дека реконструкцијата на болницата ќе продолжи со забрзано темпо со цел што поскоро да бидат завршени отпочнатите градежни работи. Ова дотолку повеќе што болницата има добиено вредна медицинска опрема, а дел од неа треба да се смести во одделенијата кои чекаат да заврши реконструкцијата на стариот болнички блок.