Предводен од славниот Еузебио во нападот и одличниот тактичар на клупата, евреинот од унгарско потекло Бела Гутман, португалската гордост Бенфика царуваше во фудбалска Европа во 60-те години од минатиот век. Во 1961 и 1962 година Бенфика го освои Купот на шампионите совладувајќи ги во финалињата шпанските гиганти Барселона и Релал Мадрид. Оттогаш следеа многу трофеи во првенството (33) и домашниот куп (24), но ниту еден во европските купови, иако Бенфика одигра дури седум финалиња.


Споменикот на Бела Гутман пред стадионот на Бенфика во Лисабон

Легендата вели дека клубот бил проколнат од тренерот Бела Гутман кој ја напуштил Бенфика во 1962 година откако му било одбиено барањето за зголемување на платата. Наводно тој „фрлил“ клетва Бенфика да не освои трофеј во Европа во наредните 100 години. Дали навистина било така никој точно не знае, но навивачите се убедени дека Бенфика е проколната.

Гутман му бил ментор на Еузебио и се смета за творец на тогаш револуционерната тактика 4-2-4. Бил принципиелен, своеглав, темпераментен, но и дрзок. Интересно е дека португалците во Мурињо гледаат негова копија. Бил тренер и на големиот Милан, од каде добил отказ заради својот тежок карактер иако клубот бил прв на табелата во италијанското калчо.

Симболот на Бенфика е орел. Традиционална боја на славниот клуб од Лисабон е црвено-бела. Формиран е на 28 февруари 1904 година под името Спорт Лисабон. Во 1906 клубот се фузира со Спорт Бенфика и го носи името ЛСБ Лисабон Спорт Бенфика. Половина Португалија навива за Бенфика, клуб со најголем број регистрирани навивачи во светот (160.398) кои секоја година одделуваат лични средства и финансиски ја поддржуват Бенфика. Северниот дел на главниот град на Португалија, Лисабон, е наречен „Бенфика“.

Навивачите на Бенфика, популарните „бенфикари“ горат од желба нивниот клуб по пауза од 62 години да освои трофеј во Европа. Шанса за тоа имаат вечерва во финалето од Лига Европа во Торино, каде нивната Бенфика се среќава со Севиља од Шпанија, но за да стигнат до посакуваниот трофеј потребно е да го победат суеверието и клетвата на Бела Гутман.

Од Лисабон за OhridNews
Владо Момироски