Илјадници туристи избегале денес од источното крајбрежје на Австралија зафатено од пожарите додека армијата почна да ги евакуира луѓето заробени на јужното крајбрежје, пренесува „Спутник“.

Заладувањето кое трае од вторникот им помага на пожарникарите во совладувањето на пожарот, а на граѓаните да ги обноват залихите. Возилата формираа долги колони на бензинските пумпи и во супермаркетите, а сообраќајниот метеж доведе до колапс на повторно отворените автопатишта. Како што најавуваат надлежните власти, влошување на временските услови се очекува в сабота со засилување на ветровите и со пораст на температурите.

Властите информираа дека неделава биле уништени 381 куќи на јужниот брег на Нов Јужен Велс, а најмалку осуммина настрадале во таа и во соседната сојузна држава Викторија, каде што во моментот горат повеќе од 200 пожари.

Властите во Нов Јужен Велс им наложја на туристите да напуштат зона во должина од 250 километри по должината на јужното крајбрежје. Државниот министер за сообраќај, Ендрју Констанс, посочи дека ова е најголемото, масовно преселување луѓе од регионот некогаш забележано.

Во Викторија, каде што неделава изгореа 68 домови, војската им помагаше на илјадниците луѓе кои избегаа на крајбрежјето бегајќи од огнената стихија. Ним им беа доставени храна, вода, гориво и медицинска помош, а брод на морнарицата евакуираше околу 500 луѓе од крајбрежниот град Малакута.

„Веруваме дека таму има околу 3.000 туристи и 1.000 жители. Сите нема да сакаат да си одат, но не можат ниту да бидат евакуирани одеднаш со брод“, рече премиерот на Викторија, Даниел Ендрјуз.

Во пожарите во Австралија досега изгореа околу пет милиони хектари земја, најмалку 17 луѓе загинаа, а повеќе од 1.300 дома се уништени. Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека кризата ќе потрае најверојатно со месеци.

Поради чадот од пожарите, квалитетот на воздухот во главниот град Камбера денеска е најлош на светот, а ветровите го разнесуваат чадот кон Нов Зеланд. Во пожарите деновиве настрадаа и околу 8.000 коали кои се загрозен вид на кој му се заканува исчезнување.

OhridNews

Макфакс