На Летниот камп – 2014 „Ја сакам Македонија“ меѓу стоте ученици-Македонци од соседните земји, од балканските земји и од дијаспората, учествуваат и седум Македончиња од областа Голо Брдо, Албанија. Тие заедно со уште две Македончиња од Тирана се претставници на македонското друштво „Илинден“ и на разгранокот на друштвото за оваа област.
Кампот „Ја сакам Македонија“ се одржува од 10 до 17 август во Охрид под покровителство на Владата на Република Македонија, а во организација на Министерството за надворешни работи. Програмата на кампот опфаќа содржини за подигање на степенот на учесниците за познавањата за Македонија од областа на македонскиот јазик, историјата, географијата, културата, обичаите и традицијата, како и меѓусебното поврзување и соработка.
Престојот на учесниците на кампот во Охрид ќе биде збогатен со забава и спортски игри, како и со посета на повеќе културно-историски знаменитости во градот Охрид и охридското крајбрежје: Самуиловата тврдина, Галеријата на икони, Плаошник, црквата „Св. Софија“, манастирот „Св. Наум“ и Музејот на вода.
– За децата ова е настан од исклучително значење. Тие се чувствуваат одлично и со самото доаѓање тука се воодушевени од градот. Веќе ги воспоставија новите познанства со Македончиња од други земји. Ваквите кампови се за поздравување зашто децата, иако се Македонци по род, живеат во разни држави, а вака се дружат и подобро се запознаваат – вели Никола Ѓурѓај, претседател на „Илинден“.
OhridNews
Извор: „МИА“