Стојанче Ангелов е нов директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС). Како што информираше Ангелов по претходен договор со претседателот на Владата Христијан Мицкоски, разрешен e од позицијата директор на Центарот за управување со кризи.

Дирекцијата за заштита и спасување подолго време се наоѓа во агонија. Покрај недостатокот на пилоти, постојат и проблеми со сервисот на ер тракторите. Во овој момент се уште нема ниту потпишани договори со тимовите за брз одговор, вклучително и со тимовите за гаснење на пожари на отворен простор. Воедно, некои од потенцијалните припадници на овие тимови ја немаат потребната опрема, обука и физичка подготвеност. Инспекцискиот надзор на противпожарната заштита е во исклучително лоша состојба, недостасуваат сериозен број на соодветно образовани и обучени инспектори, но постојат и сомнежи околу исправноста на дозволите кои ги издава Дирекцијата за заштита и спасување, вели Ангелов.

Во моментов, посочува, во ДЗС работат само неколку специјалисти за ракување со неексплодирани минско-експлозивни средства, додека отстранетите неексплодирани средства се чуваат на несоодветен начин. Постојат, вели, и други недостатоци и слабости за кои во следниот период јавноста дополнително ќе биде информирана.

Позитивно е тоа што внатре во Дирекцијата работат и одреден број на соодветно образовани, способни и искусни лица, но, за жал, некои од нив не се наоѓаат на вистинските работни места. Заедно со вработените кои ќе покажат амбиција за жестока, напорна и непоколеблива работа, ќе се обидеме да ги надминеме детектираните недостатоци и слабости, со цел брзо ставање на Дирекцијата за заштита и спасување во полна функција. Како директор, ќе можам детално одвнатре да ја разгледам Дирекцијата за заштита и спасување, внимателно да го проучам човечкиот и техничкиот потенцијал и дополнително да ги детектирам многубројните недостатоци и слабости кои ќе бидат целосно отстранети во новата институција која ќе ги обедини функциите на Центарот за управување со кризи и на Дирекцијата за заштита и спасување во една институција, на чие формирање забрзано се работи, како стратешка заложба на Владата за воспоставување на современ и функционален, интегриран систем за управување со кризи и заштита и спасување, кој ќе има соодветни капацитети да одговори на сите предизвици и ризици, целосно усогласен со стандардите на ЕУ и НАТО, додава Ангелов.

OhridNews