Реновирање на делови од сместувачките капацитети во Охрид. Покрај англискиот, персоналот во хотелите и рестораните да го употребува и францускиот јазик. Да се врши поголема промоција на туристичките капацитети во странство- ова се барањата и предлозите од странските туристи кои ова лето престојуваа во Охрид, а изнесени во анкетата , која на барање на градоначалникот Александар Петрески , од 15 август до 10 септември 2012 година, ја спроведе Секторот за туризам и локален економски развој. Во анкетата странските туристи навеле дека се задоволни од престојот во Охрид и гостопримството во градот.

Како што потенцираат од локалната самоуправа, целта на анкетата, за која поголем интерес да учествуваат покажале странските, отколку домашните гости, била да се сондира мислењето на гостите и да се анализираат нивните забелешки , со цел тие да се отстранат до следната туристичка сезона.

Анкетирањето на домашните и странските туристи се спровела преку  отворени и анонимни анкетни листови кои биле доставени во хотелите „ Тино“ , „ Милениум“ , „ Гарден“ , “ Инекс“ , “ Белведере“ , „ Гранит“ , „ Силекс“ , “ Метропол“ , „ Белви“ и „ Десарет“ .

– Во анкетирањето беа вклучени туристи од Холандија, Белгија и Србија на различна возраст и пол. Во однос на анкетата  на туристичките работници, таа се спроведе преку електронски формулар, а  беа вклучени сите хотели, ресторани и туристички водичи. Формуларот на анкетата  беше истакнат на официјалната страна на општина Охрид. Во периодот додека траеше  анкетирањето, во секторот ТЛЕР не пристигна ни една забелешка во врска со туризмот од страна на туристичките работници, наведуваат од Секторот за локален економски развој.

Оттаму, апелираат за поголема вклученост на туристичките работници во ваквите проекти и користење на современите технологии, со што би се допринело за заедничко креирање на туристичката политика во Охрид.

OhridNews