Во однос на бројот на гости и реализирани ноќевања туристичката сезона 2014 во Охрид не била послаба споредено со минатата година, информираат од секторот за туризам и локален економски развој, базирајќи се на статистичките показатели. Како што информира раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов, во однос на минатата година бројот на туристи кои летово го посетиле Охрид е помал само за 1,5%.
– Според податоците, заклучно месец август, годинава забележан е пад на бројот на домашни гости, додека пак бројот на гости од странските земји е во постојан пораст. Прометот во угостителските објекти бележи пораст од 15%, вели Апостолов.
Како причини што не се реализирале уште подобри резултати во текот на сезоната, Апостолов ги гледа лошите временски услови во текот на месеците јуни и јули, како и новите светски трендови во однос на поместувањето на периодот на користење на годишните одмори.
– Кај нас постои мислење дека сезоната почнува на крајот на јуни, односно почетокот на јули, додека пак според светските туристички експерти, туристичката сезона глобално се поместува од средината или крајот на јули и трае до средината на септември или октомври. Поради тоа има размислувања, почетокот на училишната година да се помести до 15 септември, потенцира Апостолов.
Според државниот завод за статистика, заклучно јули во Охрид најбројни биле гостите од Турција и Холандија, кои дневно трошеле од 10 до 30 евра.
– Факт е дека најбројни се гостите од оваа категорија, кои трошат од 10 до 30 евра дневно. Треба да се има предвид дека оние гости кои би дошле, а кои спаѓаат во највисоката буџетска категорија се гости кои имаат најголеми барања во однос на квалитетот на сместување и услуги. Би потсетил на плановите за изградба на неколку луксзусни хотели во Охрид, со што би се привлекла и оваа категорија гости, вели раководителот на ТЛЕР.
Со цел да се изврши анализа на изминатата сезона денес беше одржана средба помеѓу надлежните во локалната самоуправа и хотелиерите. На средбата се разгледуваа резултатите од извршената анкета врз 104 домашни и 68 странски гости кои го посетиле Охрид. Врз база на пофалбите и критиките во анкетните прашалници ќе се преземаат мерки за подобрување на туристичката понуда во градот.
Т.К.