За разлика од велигденските празници кога градот, но и приватните сместувачки капацитети беа полупразни, деновиве на ривиерата можат да се забележат туристи од регионот, но и од подалечните европски земји. Освен првата група Холанѓани која во текот на вчерашниот ден пристигна на аеродромот „Св. Апостол Павле“, во градот можат да се забележат и голем број автобуси, претежно од соседството.
Голем дел од сопствениците на приватни сместувачки објекти во централното градско подрачје, велат дека капацитети кои ги нудат на пазарот се делумно исполнети.
„За разлика од Велигден, кога воопшто немавме ниту најава, ниту гости, овие два-три дена сме комплетно полни. Претежно се работи за гости од Србија, Црна Гора, но има и од Косово и Албанија.“ – вели сопственик на апартмани во централното градско подрачје.
Гости во крајбрежните села?
Но сликата е нешто поинаква во „туристичките“ села на источното крајжбрежје. Иако речиси неколкукратно е зголемен сообраќајот на магистралата која води од Охрид кон манастирскиот комплекс „Св. Наум“, сепак мештаните од Коњско, Пештани, но и Љубаништа, велат дека немаат гости како во минатото.
„Има раздвиженост, поминуваат автомобили со различни регистерски ознаки, но ретко кој застанува и прашува за сместување. Во градот можеби е полно, но за тука не може да се рече дека имаме туристи.“ – велат жители од Коњско.
Охридските „кајчари“: Туристи има, но ретко кој се вози!
Охридските кајчари се подготвени да им излезат во пресрет на туристите, кои сакаат да ги видат убавините на Охрид од еден поинаков агол. Уште отсега, долж градскиот кеј можат да се забележат пловни објекти кои на гостите им нудат интересни прошетки по езерото.
„Туристи има, но ретко кој се вози. Времето е променливо, час има сонце, час врне. Велигденот помина лошо, вчера беше брановито, а денеска малку од малку имаше по некоја тура. Последните години беа слабо посетени, но како и секогаш мора да очекуваме дека оваа најпосле ќе тргне нешто.“ – велат дел од кајчарите.
Грците се враќаат на ривиерата
Групи грчки туристи деновиве можат да се забележат во Охрид. Повеќето со туристички водичи организирано ги посетуваат знаменитостите кои ги нуди градот, односно чаршијата, кејот и езерото.
O.T.