Носителот на советничката листа од СДСМ и коалицијата, Јане Тодороски, на денешната прес конференција ја презентираше стратегија за туризам и развој од нивната програма која како што истакна е насочена кон нова, одржлива и инклузивна визија за Охрид – град кој заслужува да блесне во полн туристички, културен и економски сјај.

Посочи дека Охрид, како светско културно и природно наследство, има ресурси, но реалноста е што тој потенцијал не е доволно искористен, особено во сезоните надвор од летниот период.

Со оваа програма, ние целиме не само да го зголемиме бројот на туристи, туку и да изградиме одржлив туристички екосистем кој ќе го вклучи локалното население, ќе ја заштити природата и ќе донесе долгорочен економски раст.

  • Ќе формираме Туристички совет, што ќе ги координира сите активности и политики во секторот.
  • Ќе го реинсталираме Туристичкото биро, како сервис за посетители и промоција на Охрид.
  • Ќе воведеме целосна дигитализација – мобилна апликација, електронски резервации и информации.
  • Ќе обезбедиме специјализирани паркинзи за туристички автобуси, за поуреден град.
  • Ќе понудиме стручна поддршка за искористување на ИПАРД-фондовите, истакна Тодороски.

Дополнително, рече, ќе работат на развивање на винскиот, ловен, здравствен и рекреативен туризам, на поттикнување на сместувањето во рурални средини, заживување на традиционалните занаети и промоција на Охрид како град за дигитални номади и интеркултурен центар.

Но, она на кое што сакаме да ставиме особен акцент е заживувањето на Охрид во текот на целата летна сезона, не само во текот на неколку дена. За таа цел, ќе развиеме понуда која ќе го опфати цело лето секој ден со програма за различни целни групи, која ќе го смести Охрид во водечка туристичка дестинација како светските метрополи.  Наша цел е, Охрид да стане целосна, конкурентна и модерна туристичка дестинација која ќе го почитува УНЕСКО статусот и ќе донесе подобар живот за сите граѓан, додаде Тодороски.

OhridNews