Стравот од Ковид-19 предизвика лицата да не бараат медицинска помош при појава на одредени симптоми, а медицинските прегледи беа одложувани, велат од здружението ХЕМА кои секоја година на 15-ти септември го одбележуваат светскиот ден за  подигање на јавната свест за лимфомот-форма на рак, како и за Хоџкин-овиот така и за не-Хоџкин-овиот облик на лимфомот. Целта е да се подигне свеста во поглед на препознавање на симптомите, рана дијагноза и третман. Македонија сеуште нема официјален регистар на пациенти кои боледуваат од рак, но според податоците кои ги има здружението од Клиниката за хематологија, бројката на пациенти годинава и во 2020 е преполовена, а тоа се должи на нередовните лекарски контроли.

 

 

Ние како здружение постојано апелираме до институциите на системот да се оформи регистар за сите болни од рак на ниво на држава. Според одредени информации почнато е да се работи на тоа, меѓутоа официјални податоци сеуште не ни се доставени. Според податоците од Клиниката за хематологија од минатата година, во 2019 година имало околу 150 регистрирани пациенти од лимфом, оваа година и во 2020, бројот на пациенти е преполовен, а причината е затоа што пациентите не се јавуваат на редовни прегледи поради стравот да не се заразат со Ковид-19 и едноставно ги занемаруваат симптомите коишто им се јавиле. Ние како здружение апелираме при промени коишто се јавуваат, а претходно не ги имале да се јават на преглед, бидејќи симптомите на лимфом и на некој останати малигни заболувања се слични со сипмтомите на Ковид-19, вели Мирјана Бабамова програмски менаџер во здружението Хема.

 

Единствен центар за третман и лекување на пациенти со малигни хематолошки заболувања е Универзитетската клиника за хематологија во Скопје, што претставува дополнителен проблем за пациентите кои не се од главниот град.

 

Во принцип сите пациенти се пренасочуваат до клиника за хематологија преку матичен лекар кој треба да утврди дали се работи за хематолошки малигно заболување или се работи за некој друг симптом, меѓутоа и тоа е исто сериозен проблем затоа што лекување и  третман на малигни хематолошки заболувања во државава се врши единствено на Универзитетската клиника за хематологија. Значи сите што се пациенти надвор од Скопје кога треба да примаат хемотерапија, цитостатици, имунотерапија и слично мора да патуваат до Скопје, да примат хемотерапија па после да се враќаат назад, а честопати се јавуваат нус- појави од типот на повраќања или дијареја. Потребно е да се додаде барем уште еден центар дали во Битола,или во друга клиничка болница како што е Штип или Тетово каде што би можеле и таму да си ја примаат терапијата. За жал се соочуваме и со  дефицит на кадри, додава Бабамова.

 

 

 

 

Пациентите со хематолошки малигни заболувања се во исклучително имуно компромитирачка состојба. Кај нив е  осетлив имуниот систем и честопати завршуваат со тешки последици, а дополнително што кај нив вакцините не создаваат секогаш доволно антитела за да се заштитат од вирусот. Затоа е потребно освен пациентите со хематолошки малигни заболувања да се вакцинираат останатите со што би се заштитиле оваа категорија на пациенти, додаваат од Хема.

 

 

К.А