По повод ослободувањето на град Скопје, а во организација на Градски стрелачки сојуз “Скопје“ викендов  на стрелиштето ДТВ ,,Партизан,, во Карпош 4 се одржа традиционалниот Турнир 13-ти Ноември, на кој учество зедоа 50-тина стрелци во сите категории од сите активни клубови од РМ.

Охриѓани ја надоврзаа низата од медали со уште 4 нови, освојувајќи 2 златни, 1 сребрена и 1 бронзена медала. Во пионерска конкуренција првото место и припадна на 13 годишната Јана Маркоска со извонредно висок резултат од 175 кругови. Нејзиниот брат-близнак пак Ѓоко Маркоски се закити со златен медал за пионери, со резултат од 170 кругови. Во истата конкуренција Васко Попоски го освои второто место, со  169 кругови, само еден круг помалку од својот клубски другар. Ирена Попоска, се пласира на третото место во меѓународна програма, со резултат од 350 круга. Со ова повеќе од успешно се заокружува натпреварувачката сезона за стрелците од Охрид на државно ниво, а се очекува уште настап на 4 стрелци на Гран При и Гран Трофи-Белград што треба да се одржи од 14-16.12.2012 година.

На стрелиштето пак во Бејбунар, на 18.12.2012 година, во организација на Федерацијата на инвалидизирани лица на Македонија се одржа Државно првенство во сите категории, на кое свој настап имаа двајца претставници на СК,,Охрид,, и тоа Дејан Танески, кој се закити со златен медал, додека Снежана Танеска се пласира на  4-тата позиција.

Параолимпијката Оливера Наковска Бикова сеуште во топ-форма, 375 кругови, само 6 помалку од нејзиниот параолимписки рекорд, а во голема серија испука резултат што би бил еднаков на сребрен медал на Параолимпијада во машка конкуренција. Ова е уште еден доказ дека стрелиштето во Бејбунар нуди одлични услови за градење на солидни стрелци, но и перфектно место за одржување на припреми на професионалните стрелци.

Ohridnews