„ Стресот и анксиозноста низ различни животни фази “ е насловена меѓународната психијатриска конференција која од вчера па се до сабота попладне се одржува во хотелот „Инекс Горица“. Брзото темпо на живот и динамиката на промените се дел од причините зошто живееме во стрес и ако тој стрес е интензивен и не можеме да го контролираме, настанува анксиозноста како абнормална загриженост за се што ни се случува.
Директорот на психијатриското здружение на Македонија, д-р Димитар Боневски нагласува дека е факт дека стресот е наше секојдневие.
– Реално е многу тешко да се открие нормално реагирање на стрес и психијатриска состојба која бара третман и за тоа е потребна максимална стручност и професионалност. Имено, според Фројд стравот е централен проблем во психијатријата и заедно со стресот се наши животни сопатници. Во текот на конференцијата ќе бараме одговори на овие бројни прашања поврзани со стресот и анксиозноста и токму затоа сме тука овие неколку дена, секој со своите истражувачки потенцијали да придонесеме за подобро разбирање и третирање на овие психијатриски ентитети.– рече Боневски.
Проф.д-р Антони Новотни даде осврт на невробиологијата во психотерапија на анксиозни растројства.
– Ние не смееме само да препишуваме лекови и да ги оставиме пациентите на цедило, бидејќи тоа не е медицина и мора да ја следиме нивната состојба. И за крај би го цитирал нобеловецот Ерик Кандел кој вели дека успешна психијатрија е она која дејствува во насока на промена на умот. – истакна проф.д-р Новотни.
Менаџирањето со стресот, како што кажа докторот Новотни , може да се постигне преку практикување физичка активност, здрава исхрана и сл., а доколку дојде до анксиозно растројство првично треба да се проба со психотерапија која ја регулира активноста на ДНК и невронската активност во мозокот каде влегуваат промени во верувањата, ставовите, начинот на размислување, афективните состојби, усвоени облици на однесување итн.
Проф.д-р Дејвид Болдвин од Велика Британија зборуваше за неговото истражување на тема „ Увиди во третманот и потеклото на генерализираното анксиозно растројство“.
– Симптоми на генерализирано анксиозно растројство се чувство на нервоза, чувство дека другите не можат да не разберат, дезориентираност, несоница, загриженост, конфузија, неможност да се сконцетнрираме на она што го работиме... – посочи д-р Болдвин.
Проф.д-р Волган Нортурн, психијатар од Германија претстави одредени аспекти од теоријата и клиничката работа со анксиозни состојби во психоаналитичката психотерапија.
– Светот станува се понесигурен, чувствуваме стрес дали ќе го задржиме работното место и работиме прекумерно, дури и по повеќе од 42 часа неделно, очајно се трудиме да пронајдеме мир, имаме стрес и во фамилијата, капиталистичките ригидни програми ја намалуваат нашата креативност, брзите промени во економијата, во Германија дури 18 реформи во здравствениот систем од 1992 година- сите овие се фактори за анксиозност. Нашето тело не може да издржи константен стрес и не е добро да работиме толку многу, без да имаме време за себе и семејството и цел ден да останеме сконцентрирани да размислуваме само за работата. – порача д-р Нортурн.
Целта на конференцијата е на едно место да се соберат стручните лица за да дадат одговор на проблемите иницирани од стресот и анксиозноста како болест на 21 век.
Неодамна, Фондот за здравство објави дека дури половина од популацијата во земјава земаат некаков вид на средства за смирување и антидепресиви, што е загрижувачка бројка. До пред извесен период овие таблети можеа да се купат без рецепта или на своја рака, што покажува растечки тренд на потребата од седативи и наспрема тоа, недоволна информираност за составот на таблетите и дозите. Ако се земе предвид дека во половина милион Македонци влегуваат и младите како посебна категорија, состојбата со психичкото здравје прилично отскокнува од нормалата. Токму затоа се потребни повеќе студии за причинителите за овој феномен, социо-културните и психолошки фактори за поефективно справување со стресот и анксиозноста како болест на 21 век.
И. Чичоска