Уставниот суд на Република Македонија на седницата одржана вчера расправаше и одлучи да не поведе постапка за одредби од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, донесен 2007 година и дополнуван  шест пати до оваа година.

Во Законот беа оспорени три члена со кои се предвидуваат глоби поради прекршок во сообраќај поврзан со брзината на возењето во или вон населено место или со непочитување на сообраќајните знаци за привремено ограничување.

Одредбите беа оспорени со образложение дека се недоволно прецизни со што оставале можност различно да се применуваат од надлежните органи, а тоа  се повредувало владеењето на правото.

Уставниот суд утврдил дека оспорените законски одредби се прецизни во определувањето на прекршоците и во санкциите за нивното извршување, па не оставаат простор за различно интерпретирање, односно применување, поради што нема повреда на Уставот.

OhridNews