Пред судот прв сведочеше нуркачот Горан Балески, кој заедно со колеги од Охрид бил ангажиран во извлекувањето на жртвите од несреќата. Тој кажа во каква состојба бил пронајден бродот „Илинден“ кој потона на длабочина од 4-5 метри.
Исказ пред судот даде и поранешниот капетан, Златан Клечкароски. Тој кажа дека добро го познава бродот „Илинден“, кој до 1962 година бил регистриран за 60 патници, а по реконструкцијата, бројот на патници бил намален на 43. Тој истакна дека при контрола на Комисијата за утврдување на техничка исправност во 2003 година на капетанот Сотир Филевски му било посочено дека треба да се изврши испитување на статиката, односно стабилноста на бродот, до кога на „Илинден“ не треба да се превезуваат патници на клупите на задната горна палуба, на што како што истакна поранешниот раководител на Охридската капетанија, Филевски се придржувал. Клечкароски во пензија замина на 31-ви јануари 2006 година. Тој истакна дека во тој период ниту еден брод на Охридското Езеро не бил регистриран, и се огради од одговорност бидејќи по неговото заминување во пензија е донесен нов закон за внатрешна пловидба.
Исказот на сведокот Клечкароски го оспори одбраната на Филевски, од каде истакнаа дека не постои официјален документ кој се однесува на наведените забелешки околу стабилноста на бродот и дека изјавата е дадена во насока да се избегне било каква одговорност на Капетанијата.
-Доколку имало конкретни сознанија за нарушена стабилност требало да се издаде забрана за пловидба на бродот „Илинден“, што не се случило, туку напротив пловниот објект уредно и редовно бил регистриран, изјави адвокатот Димитрија Цобоски.
И поранешниот капетан на бродот „Илинден“, Петар Василески, во исказот пред судот негираше дека некогаш имало забелешка за стабилноста на бродот.
-Единствена забелешка беше околу бројот на појаси кои ги имаше 43, поради што на толку беше намален капацитетот на бродот, кој претходно изнесуваше 60, рече Василески. Тој истакна дека Сотир Филевски бил исклучително одговорен и посветен на бродот, кој редовно го контролирал и одржувал.
Во улога на сведоци пред судот се појавија и сопственикот на бродот „Александрија“, Зоран Гилески и капетанот на бродот „Кристина“, Васко Јанески, чии посади учествуваа во спасување на преживеаните од несреќата. Тие истакнаа дека техничкиот преглед на бродовите кој го вршел овластениот претставник на Германски Лојд, Бранко Бајиќ, инаку второ обвинет во случајот, не се разликувал од другите прегледи.
Пред судот сведочеше и Владо Усијаноски кој критичниот ден бил дел од посадата на „Илинден“. Не знаел колку лица имало на бродот и не ги броел затоа што била договорена тура.
Судскиот процес за потонувањето на бродот „Илинден“ продолжува на 21 март.