Локалната самоуправа ќе иницира трибина на која стручни лица ќе дискутираат за проблемот со намалената издашност на изворите од кои градот се снабдува со вода за пиење, како и за намаленото ниво на Охридското Езеро и начинот на кој се користат природните ресурси. Ова денеска на прес конференција го најави градоначалникот Алекдсндар Петрески, со цел, како што рече да се расчистат сите сомнежи и шпекулации за проблемот.

Петрески смета дека намалената издашност на Билјанини извори нема никаква врска со урбанизацијата, како што тврди дел од експертската јавност која тој ја оспорува, туку дека се работи за природна појава предизвикана од долготрајната суша.

-Билјанини извори немаат доволно вода. Таа доаѓа од Галичица и ние тука немаме контрола. Разговаравме со Хидробиолошкиот завод да направиме заеднички проект за да не зависиме од природните процеси, да извадиме со бушотина природна вода за потребите на мрестилиштето каде се одгледува подмладок на пастрмка. Иако немаме ингеренции ние како локална самоуправа во интерес на Охрид ќе го поддржиме тој проект, кој веќе почнува да се реализира, рече Петрески.

Градоначалникот тврди дека нема никакво пореметување на извориштата во Бејбунар поврзано со урбанизацијата на населбата, туку водата која порано го полнеше мочуришетот и по природен пат се сливаше во малиот канал крај спортската сала сега е зафатена во водоводниот систем и се користи за пиење со капацитет од околу 100-130 литри во секунда.

Од Центарот за јавно здравје кој го контролира квалитетот на водата за пиење немаат информации кога оваа вода била вклучена во водоснабдителниот систем. Оттаму посочуваат дека Охрид се соочува со проблеми со водата за пиење и дека тие делумно се должат на урбанизацијата на Бејбунар.

-Во Охрид имаме проблем со водата за пиење, таа која сега се користи е исправна но проблематичен е капацитетот. Заради непромислена урбанизација околу Билјанини извори се поремети природниот тек на водите кои се слеваа од Галичица. Со изградбата на населбите се намали количината на вода во изворите, изјави Атанаско Михаилов од Центарот за јасвно здравје.

Според него Охрид веќе сега треба да размислува за решение затоа што капацитетот на изворите кои се користат за водоснабдување на градот не е доволен. Тој најави дека во наредните денови надлежните инспекциски служби ќе излезат на терен со цел да се испита на што се должи намалената издашност на изворите од кои Охрид се снабдува со вода.

OhridNews