Македонските граѓани и понатаму неконтролирано и прекумерно користат антибиотици, што доведува до отпорност на бактериите при користењето на ваквите лекарства. Стручните лица укажуваат на фактот дека во Македонија примената на антибиотици е за два до три пати поголема споредено со скандинавските земји, или двојно повеќе отколку во Словенија.

Таков е менталитетот овде, да се кориостат антибиотици. Но можам да кажам дека во оваа деценија се користат двојно помалку антибиотици, отколку што се користеле во 90-тите години. Тогаш неконтролирано се користеа многу повеќе. Последиците и кај нас се резистентни бактерии. Својствено за нашиот народ е да користи многу лекови. Антибиотици се користат и за болести кои сами ќе исчезнат, како што се вирозите. Пациентот кога ќе оди на лекар очекува да излезе со антибиотик. Ако не добие, може да оди кај друг лекар. Лекарот често пати нема време да му објасни на пациентот зошто не смее да зема лекови и под негов притисок препишува антибиотик иако знае дека лекот е непотребен, вели д- р Никола Пановски, редовен професор на Медицинскиот факултет во Скопје.
 
Пановски додава дека антибиотиците генерално гледано се безбедни лекови кои не даваат многу несакани последици, но дека последиците се  глобални- бактериите стануваат отпорни.

Примариус доктор Голубинка Бошевска, од Институтот  за јавно здравје и национален координатор за антимикробна резистенција потенцира дека употребата на антибиотици е алармантна на светско ниво.

Знаеме дека микроорганизмите и бактериите не познаваат граници. Сите сме зафатени и сме на некој начин во опасност од бактерии кои се отпорни на антибиотици. Треба да се потрудиме сите заедно, вклучувајќи ги и граѓаните и здавствените работници што помалку да ги употребуваме антибиотиците особено кај вирусните заболувања, бидејќи антибиотиците не делуваат на вирусните причинители на заболувања. Исто така потребно е повеќе внимание да се посвети на личната хигиена, на вакцинацијата која спречува инфекции. Да се остави проценката на докторот дали е потребен антибиотик или не. Настинката со или без антибиотик трае недела до недела и пол. Максималното скратување на симптомите на грип е само до 16 часа, вели д- р Бошевска.

За негативните последици од прекумерната употреба на антибиотици се зборуваше на денес одржаното предавање во Охрид, дел од националната кампања за  рационална употреба на антибиотици и превенција на антимикробна резистенција. Целта на кампањата  што ја организираат Министерството за здраство,Институтот за јавно здравје, други професионални асоцијации, со поддршка на Светската здраствена организација и Белгијската влада  е да се подигне јавната свест за рационална употреба на антибиотиците.

Т.К.