Активно вклучување на граѓаните во подготовката и носење на локалните политики и обезбедување на квалитетни општински услуги се основните цели на Центарот на заедницата кој вчера беше отворен во Струга.
Овој центар ќе обезбеди административна помош за граѓаните, неформално образование за младите и возраснитe, како и поддршка на младински, граѓански и културни иницијативи. Просторијата на центарот која е лоцирана во зградата на Министерство за одбрана, ќе биде на располагање на младинските клубови и останатите локални и културни граѓански инцицијативи за спроведување на нивните активности. Исто така центарот располага со сопствена библиотека во која може да се најде литература од повеќе области.
Според планираното во Центарот на заедницата ќе се одржат јавни расправи по четири Нацрт-локални стратегии на општина Струга и тоа за образование, млади, соработка со граѓанските организации и за социјална заштита. На овие расправи ќе бидат презентирани нацрт-локалните стратегии, процесот на нивната изработка, визиите и стратешките приоритети, како и мерките за нивно постигнување. Целта на овие расправи е да се поттикне отворена дискусија и да се овозможи учество на граѓаните и сите заинтересирани страни во процесот на креирање на локалните стратегии на општина Струга.
Изработката на локалните стратегии и формирањето на Центарот на заедницата на општина Струга се дел од проектот „Општина по мерка на граѓаните“ кој партнерски го спроведуваат општина Струга и Фондацијата отворено општество – Македонија.
OhridNews