Струшката локална самоуправа планира да потроши околу 48.000 евра или 3 милиони денари од буџетот на општина Струга за реализација на Новогодишната програма. Оваа програма треба да добие зелено светло од струшките советници во рамки на 33-та седница на Советот на општината која ќе се одржи во петок на 13-ти ноември.
Во програмата е предвидено да се изврши декорација на градот во централното градско подрачје со светлосни украсни елементи, за што ќе бидат потребни околу 14.000 евра или 900.000 денари. За реализација на културно-забавната програма на струшкиот плоштадот за дочекот на Новата 2016 година, предвидени се околу 10.000 евра или 650.000 денари.
Исто така планирано е и доделување на штедна книшка во износ од 10.000 денари за првото новороденче во општина Струга, како и набавка на нотеси, пенкала, часовници, календари други новогодишни подароци во износ од 187.000 денари.
За новогодишни пакетчиња за децата од социјално загрозените семејства, за децата со специјални потреби и за децата од вработените во општинската администрација планирано е да се потрошат околу 4.800 евра или 300.000 денари. Ист износ на средства се предвидени и за печатење на Новогодишни календари.
Исто така во Новогодишната програма е предвиден и трошок од околу 10.000 евра или 650.000 денари за Свечен дочек на Новата Година, односно свечена вечера или ручек за членовите на Советот на општина Струга.
OhridNews