Одлуката за воспоставување на меѓуопштинска соработка со општините Вевчани, Центар Жупа, Охрид, Дебрца, Дебар, Пласница, Кичево и Македонски Брод е дел од точките на дневен ред во рамки на 41-ва редовна седница на Советот на општина Струга која ќе се одржи во четврток на 23-ти јуни.

Со оваа Одлука се воспоставува меѓуопштинска соработка за поефикасно вршење на надлежностите во областа на локалниот економски развој за промоција и поддршка на руралниот развој во Југозападниот плански регион.

-Меѓуопштинската соработка ќе се остварува преку Мрежа за инклузивен рурален развој во Југозападниот плански регион – МИРР како постојано заедничко работно тело на општините од Југозападниот плански регион. Постојаното заедничко работно тело го сочинуваат по еден преставник од: одделенијата за ЛЕР од секоја општина која што воспоставува меѓуопштинска соработка, Центарот за развој на Југозападниот плански регион, Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, Стопанска комора на Македонија, Регионална комора со седиште во Кичево, туроператорите и невладините организации од регионот, Здружението на туристички водичи; Агенција за промоција и поддршка на туризмот, Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и претставник од  Кластерот за туризам од Охрид, се појаснува во одлуката.

Освен за оваа точка, струшките советници ќе распрваат и за Одлуката за давање согласност и овластување за измирување односно пренасочување на средства од буџетската сметка на општината; за Одлуката за утврдување проектни приоритети за „Изградба на секундарна мрежа за фекална канализација за с.Корошишта, с.Ливада и с.Ложани“; за Одлуката за дополнување на Одлуката за вршење на ауто – такси превоз на патници на подрачјето на општина Струга и неколку други точки.

OhridNews