Општина Струга е една од општините опфатени со проектот за зголемување на конкурентноста на локалните бизниси и промоција на општините.

Меморандумот за соработка за целите на проектот „Бизнис пријателска сертификација – Меѓународен печат за квалитет за Бизнис пријателски општини“ го потпишаа претставниците на министерството за економија, Сојузот на стопански комори на Македонија, ЗЕЛС, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Р. Македонија и градоначалниците на општина Струга, како и на општините Штип, Велес и Струмица, кои исто така се дел од прокетот.

Идејата на проектот е да се придонесе за подобрување на општинските структури и да им се овозможи на општините имплементација на меѓународните стандарди со цел да се зголеми конкурентноста на локалните бизниси и промоција на општините на национално, регионално и меѓународно ниво. Проектот, кој ќе трае 18 месеци, ќе започне да се спроведува во овие четири општини, а со него е предвидено бизнис сертификација на општините како гаранција дека нудат брзи, квалитетни административни услуги за деловната заедница и потенцијалните инвеститори.

Како што информираат од министерството за економија, со овој проект четирите општини ќе бидат ставени на меѓународната мапа за привлекување на инвеститори.

– Проектот ќе им овозможи на општините да привлечат повеќе домашни и странски инвеститори пред се преку модернизирање на своите услуги. Со осовременувањето и создавањето шалтер на кој потенцијалните вложувачи ќе можат да ги добијат потребните информации за водење бизнис, единиците на локалната самоуправа многу лесно ќе се најдат на меѓународната мапа за привлекување инвестиции, велат од надлежното министерство.

За да добијат бизнис сертификат, општините мора да исполнат минимум 12 услови меѓу кои создавање поволна бизнис клима и обезбедување соодветни услови согласно барањата на локалните компании и потенцијалните инститори. Потоа треба да ги одржуваат и подобруваат зашто сертификатот се обновува на секои две години.

Општините се избрани, врз основа на населението, големина на општините и регионална поставеност во Македонија.

Проектот „Бизнис пријателска сертификација – Меѓународен печат за квалитет за бизнис пријателски општини“ веќе се спроведува во БиХ, Хрватска и Србија каде се сертифицирани 17 општини. Проектот е поддржан од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), а финансиран е од Германското сојузно министерство за соработка и развој (БМЗ).

OhridNews