Општина Струга се збратими со Хрватскиот град Лабин. Меморандумот за соработка е потпишан деновиве, за време на престојот на струшката делегација во оваа приморска општина.

Лабин се наоѓа 5 километри од туристичките летувалишта на Рабац, на источниот брег на Истра. На ридот се наоѓа стариот град и вториот дел на градот е познат како Подлабин.

-Збратимувањето со овој туристички центар ќе значи многу за развој на туризмот на струшкото крајбреже од Охридското Езеро. Станува збор за помала општина во Хрватска од каде можат да се пренесат значајни искуства, велат надлежните од Општина Струга.

Од таму информираат дека иницијатор на збратимувањето со Лабин е советник во советот на општина Струга кој има своја фирма во овој хрватски град.

Струшката делегација која престојувала во Лабин, ќе направеи и возвратна посета на општината Тешањ во Босна и Херцеговина, со која неодамна е потпишан протокол за збратимување. Инаку Општина Струга досега се има збратимено со Драч во Албанија, Червара Ди Рома во Италија и со неколку општини во Бугарија и Турција.

OhridNews