Со концертот на камерниот хор Проарс во предворјето на црквата Пресвета Богородица во Калишта, започнува 36-то издание на Струшка музичка есен.

Бројни научни трудови од областа на музикологијата, етномузикологијата, музичката педагодија и медијавистиката и овојпат ќе бидат презентирани на традиционалната музичко-научна манифестација, која ќе трае до недела. Организатор на манифестацијата е Сојузот на композиторите на Македонија.
„Мотивите за одржувањето на Струшката музичка есен се всушност оние кои што ги имаме секоја година, а тоа е една исклучително лоша состојба во областа на музичката наука кај нас, којашто се рефлектира врз музичката култура и музичкото творештво, вели Марко Коловски, претседател на Сојузот на композиторите на Македонија.

Годинава покрај утврдените традиционални тематски содржини, особено внимание  дел ќе се посвети и на одбележувањето на јубилеите на македонските композитори кои оставија длабоки траги во развојот на музичкото творештво на овие простори. Ќе бидат одбележани јубилеите – 10 години од смртта на Властимир Николовски и Драган Шуплевски, 100 години од раѓањето на Илија Тодоровски, 90 години од раѓањето на Благоја Ивановски, 80 години од раѓањето на Драган Ѓаконовски-Шпато и Тома Прошев, како и 70 години од раѓањето на Стојан Стојков и Михајло Димовски.

Ќе се говори и за проблемите и перспективите на современата македонска музика, музикологијата и критиката, педагогијата, афирмацијата на изворната музика и ќе бидат понудени опсервации врз македонското црковно пеење со посебна заложба за старовизантиското пеење во Македонската православна црква.

OhridNews