Струшкиот кик боксер Слободан Кајмакоски, кој на 13-ти овој месец во Скопје ќе учествува во борбите од „Final Fight Championship“ е во фокусот на хрватските медиуми. Противникот на стружанецот, Тео Микелиќ во категоријата до 70 килограми доаѓа од Хрватска и затоа е голем интересот за Кајмакоски.

– Настапот на „FFC“ ми е најголем успех во досегашната кариера. Сега веќе разбирам дека луѓето кое го водат ова натпреварување се вистински професионалци и импресиониран сум како се тече беспрекорно – рече Кајмоски за медиумите од Хрватска.

Една седмица преостанува од шестата борба на Кајмакоски во професионалните води на кик боксот. Тој има скор од четири победи и еден пораз.

– Припремите за мечот со Микелиќ течат по зацртаниот план. Се подготвувам во мојот роден град Струга, а спарингувам со Ристески и Саботски во Скопје. Прегледав неколку снимки од мојот противник и се работи за одличен борец, кој не смее да се потцени во рингот. Моите тактики не ги откривам туку ќе ги видите за брзо во рингот – додаде Кајмакоски.

Стружанецот не заборави да им се заблагодари на челниците од „FFC“ за укажаната прилика и ги повикува сите љубители на боречките вештини да дојдат во што поголем број на 13 декември во спортската арена „Борис Трајковски“.

Мх.П.