Сите поетски фестивали низ светот се организираат по теркот на “Струшките вечери на поезијата”, но ниту еден од нив не може да ја достигне таа убавина и мистичност која ја има манифестацијата во Струга, која според мене претставува Вавилонска кула на јазиците, Светски самит на културата, уметноста и љубовта кон поезијата, вели претседателот на Управниот одбор на СВП, охридскиот поет, Славе Ѓорго Димоски.


Најновото, 50- то јубилејно издание на СВП изобилува со бројни новини во однос на организацијата и она што љубителите на поезијата ќе може да го видат.

Како што најавува Димоски, годинава за прв пат , отворањето  на 25 август, ќе се одржи на отворено, на “Мостот на поезијата”, на сценографија специјално подготвена. За разлика од изминатите години кога на отворањето се вршеше презентација на поезијата на присутните поети, оваа година тоа ќе биде “Вечер на Златните венци и ќе бидат претставени поетите кои го добиле највисокото признание на манифестацијата во текот на изминатите години. Песната „Т’га за југ” ќе биде изведена во интерпретација на
македонскиот тенор Благој Нацески, придружуван од симфониски оркестар, а предвиден е и мини концерт на светски познатиот гитарист,
охриѓанецот Владимир Четкар.

Многу од нив, за жал, се починати или поради здравствени причини не можеа да дојдат. Засега потврдено е присуството на  Ференц Јухас (добитник на Златен венец на СВП во 1992 година) од Унгарија, Нанси Морехон (2006) од Куба, Хусто Хорхе Падрон (1990) од Шпанија, Васко Граса Маура (2004) од Португалија, Фатос Арапи (2008) од Албанија и Љубомир Левчев (2010) од Бугарија. Секако првата вечер ќе се претстави и годинешниот добитник на Златниот венец на поезијата Матеја Матески, вели Димоски.

Годинава, поканети се да учествуваат 120 поети од странски земји и 80 поети од Македонија. Во Струга ќе пристигнат поети од пет континенти од 70 држави, меѓу кои и од многу егзотични земји, како што се Хаити, Зимбабве, Индонезија, Конго, Колумбија, Либан, Монголија, Мароко, Бахреин, Кенија, Куба, Панама, Еквадор.


–    
Идејата е да поканеме учесници и од земји од кои досега немало претставници со што манифестацијата уште повеќе ги проширува своите рамки. Контактите кои ги воспоставуваме со поетите од светот се најразлични. Преку Здруженија на писатели, претходни учесници, странски амбасади. И покрај тоа што во организацијата на манифестацијата се вклучени мал број луѓе, сепак подготовките течат во најдобар ред, и се се одвива според предвиденото, нагласува Димоски.

Во текот на манифестацијата ќе биде отворена обновената спомен-куќа на браќата Миладиновци, ќе биде поставена биста на поетот Гане Тодоровски во Паркот на поезијата. Во програмскиот дел на СВП предвидени се омажи за Блаже Конески, со повод 90 години од неговото раѓање, за Анте Поповски, со повод 80 години од неговото раѓање, и за неодамна починатиот кинески поет Лу Јуан, кој беше добитник на Златен венец на СВП во 1998 година.

За прв пат името на добитникот на најзначајната македонска поетска награда „Браќа Миладиновци” ќе биде објавен на прес-конференција во текот на одржувањето на СВП 2011.

OhridNews