Дваесеттина ветеринарни екипи вршат уништување на живината во струшко Мороишта каде е потврдено присуство на вирусот на птичји грип од типот “H5N8“. Во селото биле евидентирани околу 3000 броја живина во 105 домаќинства. Таа целосно ќе биде уништена, а сопствениците ќе бидат обештетени, истакнаа од Агенцијата за храна и ветеринарство, посочувајќи дека вирусот не е опасен по здравјето на човекот.
– Апелирам до сопствениците на живина дека не се работи за заразна болест, да соработуваат со ветеринарните инспектори и целата живина да ја дадат за уништување, затоа што тоа е единствениот начин да се спречи оваа болест. – изјави Оливер Ивановски – раководител на државна инспекција за здравствена заштита на животните.
Влезовите во селото ги контроилира полицијата која врши проверка на возилата, а поставени се и пунктови за дезинфекција. Мештаните не знаат од каде дошла болеста. Велат дека не се плашат, но не се сигурни дали убивањето на целата домашна живина ќе го реши проблемот.
– Не знаеме од каде дојде, дали од нечистотија или од гулаби, како што се зборува по селото. Не се плашиме, не е прв пат и порано пцовисувала живината, само што тогаш не знаевме дека тоа било птичји грип, сега излезе таа работа. – изјави повозрасен жител на Мороишта.
-Ја убиваат целата живина, но не можат да ги убијат гулабите и другите диви птици, оттаму се прашувам колку ефикасна ќе биде оваа мерка. – праша друг жител на Мороишта.
Уништената живина од Мороишта ќе биде спалена во посебна депонија, а како дел од мерките за справување со птичјиот грип, во селото утре ќе биде спроведена дезинфекција и дератизација. На три километри од селото каде е откриено жариште на птичјиот грип прогласена е заштитна зона, а мониторинг се врши во радиус од 10 километри. Доплнително Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска воведе привремена забрана за лов на диви птици на цела територија на државата како превентива против ширењето на вирусот на птичјиот грип.
Г.Момироски