Центарот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Одделот за недозволена трговија со дрога во содејство со Царинската Управа на Р. Македонија реализира случај на недозволена трговија со наркотична дрога –  хероин, при што запленети се околу три  килограми   хероин, со  што е пресечен меѓународен канал за недозволена трговија  со хероин на релација од Р.Македонија до Р. Австрија.

По претходно добиено сознание за можен транспорт на хероин, на 2- ри април,   во 20,25 часот на граничен премин ,,Табановце“, на излез од Македонија  од страна на полициски  службеници и службеници од Царинската Управа , извршен бил преглед и контрола на патници во автобус со македонски регистерски ознаки кој сообраќал на редовна автобуска линија од Струга преку Скопје до Виена. Кај лицето М.Р.  (40 )  од Струга, детектирано било присуство на наркотична дрога, по што кај истиот во пределот на стомакот околу половината пронајдени биле пет пакувања со правоаголна форма облепени со селотејп трака исполнети со прашкаста материја со кафена боја. По направено тестирање на лице место, потврдено било дека се работи за  наркотична дрога хероин.

М. Р. за транспортот требало да добие 2000 евра, од кои  исплатени му биле 500 евра како аванс пред патувањето , а останатиот дел од паричните сретства   требало да му биде исплатен откако ќе го изврши транспортот и  хероинот ќе го  предаде на  лице кое требало да го пречека  на меѓународната автобуска станица во Виена.

Пронајдената прашкаста материја е предадена на вештачење во Одделот за криминалистичка техника на Министерството за внатрешни работи. Запленетиот хероинот со висок квалитет на нарко пазарот при продажба на мало би достигнал цена од 200.000 евра.

Против стружанецот поднесена е кривична пријава, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело “неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори”. Истиот  заедно со кривичната пријава во текот на денот ќе биде предаден на надлежен  Истражен судија за натамошна постапка.

Се преземаат дополнителни мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

OhridNews