На граѓаните на Струга очигледно им дојде преку глава од немоќта на институциите кои ветуваат, а никако да го решат проблемот со дивата депонија која од вчера повторно гори. Својот револт тие во текот на ноќта го искажаа со герила акција затрупувајќи ја со смет административната зграда на Општина Струга.
Проблемот со дивата депонија која се наоѓа во непосредна близина на Струга се провлекува повеќе од 10 години, а кулминираше со нејзино повторно палење во средината на април. Оттогаш наваму таа постојано тлее и од време на време се разгорува, а токсичниот чад се шири во градот и околните населени места. Не помогнаа ниту стотиците кубни метри земја со кои неодамна беше затрупана депонијата.
Граѓаните на Струга повеќе пати излегоа на протести на кои побараа итно решавање на проблемот со депонијата, нејзина санација, затворање и дислокација. Но властите имаат проблем со одредување нова локација, без што старата депонија не може да биде затворена бидејќи нема каде да се одлага отпадот од општината Струга. Последните случувања со депонијата во струшко повторно го актуелизираат прашањето за изградба на регионални депониии, процес кој се одолговлекува со години, а проблемите со сметот во општините се мултиплицираат.
Г.М.