Со транспаренти и еколошки пораки, граѓаните на Струга попладнево го изразија својот револт поради загадувањето кое го предизвикува опожарената локална депонија во Струшко поле, од каде со денови се издига густ чад.
-Струга некогаш беше најчист град, но денес тоа не е. Од депонијата се шири неподнослива миризба и штетед чад. Граѓаните треба да истраат во протестите се додека надлежните институции не го решат проблемот и не се дислоцира депонијата. – изјави повозрасна жителка на Струга.
Незадоволните граѓани писмено се обратиле до министерството за животна средина и претседателот на советот од кого бараат итно да свика вонредна седница на советот.
-Браме итна расправа за проблемот со депонијата, нејзина санација и дислокација, како и јасни временски рокови за изградба на регионална депонија. – истакна Глигорие Ќатоски – граѓански активист.
Учесниците на протестот истакнаа дека не е прв пат да биде опожарена локалната депонија и дека со тоа им се ускратува уставното право на граѓаните да имаат чиста животна средина.
-Обвинителството треба по допрен глас да реагира, но затоа ќе биде поднесена кривична пријава која утре ќе биде доставена до институциите. – рече Менка Опетческа.
Локалната самоуправа за проблемот се огласи преку социјалните мрежи. Таа ја префрли одговорноста на други институции за опожарувањето на дивата депонија во струшко поле, посочувајќи дека локалната самоуправа вложува напори пожарот да биде неутрализиран.
OhridNews