Група активисти во Струга синоќа со герила акција го изразија својот револт за загадениот воздух преку видео пораки со прожектор на Општинската зграда. Низ пораките посочија дека во Струга нема воздух, нема живот и нема вода и дека Струга се гуши.
Незадоволството ќе го искажат и на протест вo петок со блокада на кружниот тек на влезот од градот во периодот од 14:00 до 15:00 часот.
Неможе повеќе вака – депонијата гори, никој не презема ништо, цела општина се труе. Токму поради изборите, одговорните се најранливи и време е стружани да покажат сила. Ако не направиме притисок сега, проблемот нема да се реши ни во следните 4 години. Доста беше – депонијата мора да се реши! Без разлика на националност, вера или партиска припадност – сите го дишеме истиот воздух, порачуваат од иницијативата Струга Вепрон.
Од Територијалната противпожарна единица Струга велат дека се работи за дива депонија на приватен имот на патот за селото Калишта, на самиот брег на Охридското Езеро, но не биле повикани за интервенција. Истата велат неможела да се изгасне со вода, туку било потребно откопување со механизација.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање потсетуваат дека управувањето со комуналниот отпад е законска обврска на општините. Согласно Националниот план за управување со отпад 2021–2031 и регионалните планови, општините се должни да обезбедуваат собирање, транспортирање, селекција и расчистување на отпадот на нивната територија. Во моментот се работи на воспоставување на регионален центар за обработка и систематизирање на отпад, кој ќе обезбеди трајно и системско решение за управување со отпадот во регионот, потенцираат.
Сепак, додека овој центар не биде изграден и ставен во функција, општина Струга има должност редовно да ја одржува и исчисти постојната депонија, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните. Министерството за животна средина и просторно планирање останува достапно за поддршка во рамки на своите надлежности, но одговорноста за редовното управување и одржување на депонијата е на локалната самоуправа, додаваат од Министерството.
Н.С.Ј.