Човекот уништува, човекот поправа. Студенчишкото блато, кое со милениуми е составен дел од еко системот на Охридското Езеро, повторно ќе биде поврзано со него, откако со изградбата на асфалтната патека од мостот на каналот до Горица, беше прекината нивната природна врска. Тоа, како и узурпацијата на просторот од страна на човекот придонесе за намалување на површината на блатото, како и до промени кои предизвикаа исчезнување на одредени видови флора и фауна.

Грешката од минатото сега ќе се поправа со изградба на канали кои ќе поминуваат под асфалтната патека.  Тоа е предвидено во Нацрт студијата за заштита  и ревитализација на Студенчишкото блато, што на иницијатива на општина Охрид, ја изготви Друштвото за еколошки консалтинг од Скопје.

– Препораките се дека треба да се врати поврзаноста на блатото со Охридското Езеро преку изградба на канали, а исто така предвидено е да се ископаат бунари за испитување на квалитетот на водата и почвата.– ни изјави Хавза Реџеп Каќел од Одделението за заштита на животната средина, при општинскиот Сектор за урбанизам.

Таа објаснува дека целта на изработката на студијата е остатокот од Студенчишкото блато да се ревитализира, валоризира и да се стави во функција на одржлив развој, да му се даде простор на ендемичниот жив свет, како и да се поврати опстанокот на видовите кои се во исчезнување.

Содржината на просторот ќе се утврди со доработка на Нацрт студијата, но надлежните сметаат дека остатокот од Студенчишкото блато треба да добие некаков правен статус согласно Законот за заштита на природата.

-Треба тој дел да се направи  атрактивен за туристите, што значи да имаме комерцијален и економски бенефит, а исто така да ги задржиме ендемските видови кои што живеат тука, додава Каќел.


Асфалтната патека го прекина природниот контакт на блатото со Езерото

Експертите од Хидробиолошкиот институт од Охрид се согласуваат дека Студенчишкото блато треба да се заштити и да се стави во функција на одржлив развој. Имаат и конкретни проекти како тоа треба да се направи, а за мерките што ги предвидува Студијата за заштита на блатото ќе се произнесат откако истата ќе биде завршена.

– Откако ќе биде изработен тој елаборат ние ќе го разгледаме и ќе дадеме стручно мислење и сугестии во кој правец треба да се одвива заштитата на Студенчишкото блато, ни изјави д-р Орхидеја Тасевска од Хидробиолошкиот институт, научна установа која 75 години се грижи за заштитата на  живиот свет во Охридското Езеро.

Таа посочува дека Студенчишкото блато во последните 30-на години е изложено на постојано уништување од страна на човекот.

– Постојаната узурпација на дел по дел од блатото,  било да е тоа за обработливи површини или за времени или постојани објекти, како и повеќегодишното трупање на градежен шут и друг отпад предизвикува деградација на тој простор и секако дека ние како институција не се сложуваме со понатамошни такви дејности, вели Тасевска.


Д-р Тасевска посочува дека мислењата на науката се игнорираат, но се надева дека со упорност еден ден тоа што го зборува стручната јавност ќе допре до одговорните институции и ќе успееме да го заштитиме и ревитализираме Студенчишкото блато, каде според експертите не треба да има капитални градежни зафати.

– Студенчишкото блато треба еколошки да се уреди доколку сакаме тоа да ја задржи автентичноста, но и да биде привлечно за посетителите кои ќе сакаат да видат еден таков природен феномен, додава Тасевска.

Горан Момироски