Големите снежни врнежи, силните ветрови и ниските температури низ цела југо-источна Европа во вторникот предизвикаа нови жртви а стотици населени места се отсечени.

Како што пренесува „Макфакс“, во соседна Бугарија спасувачките екипи со големи напори се обидуваат да го евакуираат населението од јужните делови на земјата кое е загрозено од силните дождови и големите водостои на реките и езерата предизвикани од топењето на дебелата снежна покривка што се заканува со големи поплави.

Околу 300 населени мета во Бугарија, исто така, останале без електрична енергија, многу патни правци се затворени, а граничните премини кон Романија, Турција се сосема затворени, како и некои кон Грција, соопшти бугарското министерство за внатрешни работи. Притоа се додава дека се очекуваат нови снежни врнежи. Затворено за сообраќај е пристаништето во Варна,

Околу 146 гратчиња и села во Романија се целосно изолирани  поради големите снежни навеви. Без електрична енергија останаа 174 романски села.

Временските услови се влошуваат во Романија, поради бурата која предизвикала големи бранови на Црното море се затворени сите пристаништа.

Во Србија е прекинат целиот речен сообраќај, бидејќи се замрзнати реките, а во целост е прекинато и пловењето по Дунав..

Поради бранот сибирски студ последните денови во Европа починаа повеќе стотици луѓе, а во вторникот овој црн биланс се зголеми на повеќе од 450 жртви. Температурите во некои делови од континентот се спуштија и до минус 40 степени Целзиусови, а според метеоролошките прогнози големиот студ може да потрае уште една седмица.

Во Украина температурата се спушта околу минус 30 степени Целзиусови. Тамошните власти соопштија дека поради лошите временски услови од 27-ми јануари досега починале 136 лица.

Бројот починати од премрзнување во Полска се зголеми на 68, а во последните 24 часа според полската полиција починале шест лица. Во поголемиот број случаи станува збор за бездомници.

Во Чешка од студот починале 24 лица.

Во Босна и Херцеговина  во вторникот се регистрирани две нови жртви од екстремно ниските температури.

Во Србија од смрзнување починале до вторникот 11 лица.

OhridNews
извор: „Макфакс“