Откако денеска повеќе портали објавија дека пред два дена на скопскиот аеродром слетале Нигеријци со симптоми слични на еболата, Министерството за здравство издаде соопштение дека во четвртокот на термалната камера на скопскиот аеродром биле детектирани две лица со покачена телесна температура, но при неколку последователни мерења било констатирано дека таа кај двете лица се намалила до ниво на нормална телесна температура и поради тоа веќе следниот ден биле пуштени да отпатуваат до крајната дестинација, јавува порталот „МКД.мк“. 

„Станува збор за група од вкупно 8 лица што допатувале од Нигерија заради студиски престој во Република Македонија, на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ – Охрид. Од сите пристигнати лица во групата, кај 2 лица била детектирана покачена телесна температура преку термалната камера, како и при извршено мерење од страна на медицинската служба на аеродромот“, се наведува во соопштението.

Министерството вели дека „согласно протоколите за постапување при појава на сомнителен случај, двете лица се задржани на аеродромот во просторијата за изолација, заради дополнително следење и набљудување на состојбата. Во текот на ноќта, медицинските служби при неколку последователни мерења констатирале дека телесната температура кај двете лица се намалила до ниво на нормална телесна температура, и поради тоа веќе следниот ден лицата биле пуштени да отпатуваат до крајната дестинација.

Со оглед на тоа дека групата од 8 лица допатувала од Нигерија, која претставува ризично подрачје на лица заболени од ебола, кај сите 8 лица, откако се пристигнати во Република Македонија, согласно со протоколите се врши редовен здравствен надзор во тек на 21 ден (колку што изнесува периодот на инкубација), од страна на епидемиолог од подрачниот Центар за јавно здравје. При вршењето на редовниот здравствен надзор, кај 1 лице од групата, кое престојува во Охрид, во текот на денешниот ден е констатирана покачена телесна температура, над 38 степени и тоа ќе биде ставено во изолација на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Ова лице не покажува други потенцијални симптоми на вирусот ебола и не треба да се создава непотребна паника во целиот случај, вели Министерството. „Станува збор за стандардна процедура, која е идентична како кај претходно споменатите 2 лица, кои по утврденото нормално ниво на телесна температура по неколку последователни мерења, беа пуштени да отпатуваат до крајната дестинација“, соопшти Министерството за здравство.

Претходно извори од скопската Клиника за инфективни болести за „МКД.мк“ потврдиле дека двете лица кај кои пред два дена на скопскиот аеродром била забележана покачена температура и симптоми слични на ебола – не се заразени со овој смртоносен вирус.

OhridNews
извор: МКД.мк