Студентите од „Свети Апостол Павле“ Универзитетот за информатички науки и технологии изработија мултифункционална Андроид апликација за паметни телефони и таблети, наменета за потребите на Техномаркет. Оваа апликација ќе им овозможи на потрошувачите лесен и едноставен пристап до сите услуги на најголемиот ланец на продавници за бела техника и апарати за домаќинство.
Креаторите на победничката апликација беа наградени со Самсунг галакси таблети од Техномаркет.

Мултифункционалната апликација предничи во својата категорија со перформансите, не е фиксна, туку динамична и работи со веб сервери, содржи пребарување на повеќе од 5 000 производи, селектирање продукти по различни категории, селектирање на посакуваните производи, баркод скенер за продукти, геолокација на маркети и други перформанси што го олеснуваат пристапот на купувачите до Техномаркет.
– Апликацијата ја изработувавме месец и половина , вложиме доста труд, но се надевам дека на крај сето тоа ќе се исплати. За нас претставуваше вистински предизвик да се работи на овој проект, изјави Илина Драгославска, учесник во проектот.
Апликацијата ќе биде бесплатна, односно поставена на Google Play и достапна за симнување за сите корисници на паметни телефони и таблети.
– Модерниот потрошувач е едуциран, постојано истражува и ги следи светските трендови во потрага по нови производи и услуги. Се трудиме секогаш да бидеме чекор пред останатите и на нашите потрошувачи да им понудиме нешто креативно, иновативно, модерно. Ни претставуваше задоволство што оваа апликација ја изработија студентите од „Свети Апостол Павле” кои имаа можност своето знаење и искуство да го пренесат и на реален практичен проект. Со оваа апликација се отвора полесен и современ пристап на потрошувачите до нашите производи и услуги“, изјави Марија Ристовска, маркетинг менаџер во Техномаркет.
Проектот како дел од низата на општествено одговорни активности што ги спроведува Техномаркет, траеше 3 месеци. Апликацијата што ги исполни критериумите на комисијата составена од претставници на Техномаркет и Универзитетот „Свети Апостол Павле“ ќе биде достапна за симнување наскоро.
OhridNews















