Студентите од Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид, денеска одржаа мирен протест, на кој уште еднаш го реафирмираа барањето упатено до пратениците за повлекување на Предлог законот со кој се предвидува поинаква организација на оваа високо образовна институција. Најгласни во негодувањето се студентите од завршната година на Факултетот за компјутерско инженерство, кој треба да се трансформира во Факултет за Применета Информатика и Дигитална Хуманистика.

Ние треба да потпаднеме под овој факултет за кој прв пат слушаме и сме многу револтирани. Нашата цел е да се отфрли предлог законот за надополнување и измена на законот за формирање на нашиот универзитет. Информатиката е најперспективна наука, барана во цел свет, со која ни се отворени вратите секаде. Овој предлог закон најмногу не засега нас актуелните 400 студентите и идните кои ќе се запишуват. Ако Охрид е град на УНЕСКО не значи дека сите треба да студираме животна средина. Постојат други високо образовни установи. Ако треба реформи нека застанат со нас студентите, професорите, ректорот, не бегаме ние од средба. – порачаа револтираните студенти.

Тие посочија дека се запишале на УИНТ Охрид и сакаат да завршат тука по програмата по која се запишале, посочувајќи дека вложиле многу труд и пари.

-Со измените во предлог зсконот се губи титулата стекната со студиите „компјутерски инженер“, односно се намалува вредноста на нашата диплома, но и на претходно дипломираните. – рекоа студентите од УИНТ.

Тие порачаа дека низ заеднички консултрации ќе ги договорат идните насоки на делување, децидно порачувајќи дека нема да ги прифатат измените во законот за УИНТ иницирани од осуммина парламентарци: Жаклина Лазареска, Љубен Арнаудов, Рубин Земон, Сашо Василески, Арта Точи, Ѓулумсер Касапи, Ферид Мухиќ, Шпреса Хадри, кои на седница на Собранието треба да се најдат на 11 декември.

OhridNews