Грчка салата, Брускети, Макало со рузмарин, Суфлаки, Гиро и Раванија беа дел од менито кое беше подготвено на „Денот на грчката кујна“ кој беше организиран денеска на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Студентите имаа несекојдневна можност да го видат целокупниот начин на подготовка на грчките специјалитети, од страна на искусниот гиро мајстор Сашо Донев, кој е сопственик на Гиро ресторанот „Мамас“ во Скопје.
-Јас шест години имав ресторан на Тасос во Грција и таму научив се за грчката кујна и сум единствениот Македонец што им продаваше гиро на Грците. Потрошувачката на гиро во Македонија оди многу добро. Навистина може да се живее од оваа дејност и затоа сакам да им ги пренесам на сите моите искуства за начинот на подготовка на грчките специјалитети, вели Донев.
Деканот на Факултетот за туризам и угостителство проф. д-р Сашо Коруновски вели дека организирањето на „Денот на грчката кујна“ не треба да се меша со грчката политика.
-Денес е ден на грчката кујна, а не на грчката политика. Со организирање на вакви настани, факултетот ги продолжува напорите да ги поврзе бизнисот и образованието. На тој начин на студентите директно ќе им се пренесат сите знаења и искуства кои ги имаат вештите мајстори и бизнисмени. Имаме веќе 40-тина студенти од гастрономија кои што се исклучително заинтересирани да ги научат сите тајни вештини на оваа извонредна професија, вели Коруновски, нагласувајќи дека гастрономијата во иднина ќе доживее добри денови во Македонија и ќе стане многу развиена гранка.
Проф. д-р Ангела Василевска вели дека овој промотивен настан е еден од низата презентации на медитеранските кујни.
-Минатата година имавме ден на италјанската кујна, денес имаме ден на грчката кујна, а потоа за кратко време во декември ќе организираме и ден на истарската кујна. Веќе правиме напори на факултетот да ги донесеме најголемите и најпознатите шефови на кујни во нашата држава, а тоа се шефот на кујната во хотелот „Александар Палас“, шефот на кујната во хотелот „Епинал“ во Битола кои е планирано да гостуваат во нашата институција во месец јануари догодина, појасни Василевска.
Од факултетот најавуваат дека во месец мај 2014 година на посета им доаѓа една од најголемите готвачки од Лос Анѓелес која што ја спонзорира Америчката Влада.
Е.М