Со дополнителни приходи од издавање на сместувачките капацитети на туристи, студентскиот дом „Никола Карев“  успева да обезбеди средства за да ја помине годината без загуби. Како што вели првиот човек на домот, Жарко Куциноски, среќа е што домот се наоѓа во туристички град како Охрид, па има можност да издава соби во летниот период, но и во зима за празникот Богојавление и Нова година.

  • Останатите домови во земјава едвај се снаоѓаат со средства. Кај нас во моментот има 112 студенти, но тоа не е доволно за обезбедување на потребните средства. Затоа собите ги издаваме во јули и август на туристи и задоволни сме од интересот. Претежно тоа се студенти кои сакаат за ниска цена да најдат сместување во централното градско подрачје, вели Куциноски.

Цената на сместување, зависно од тоа дали станува збор за ноќевање или полупансион, се движи од 400 до 910 денари на ден.

Понудата на студентскиот дом „Никола Карев“ е објавена и преку туристички агенции и од домот се надеваат дека со тоа ќе има интерес и од гости од други земји.

Куциноски најавува дека со поддршка на министерството за образование наскоро ќе бидат подобрени условите за престој во домот, со сменување на целосната дограма на објектот.

OhridNews