
На конгресот што се одржа на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“ учество зедоа 1200 византолози од 46 земји од светот. Македонија беше претставена од 15 византолози, меѓу кои беше и охриѓанецот Заров кој беше учесник на шестото пленарно заседание: „Светото во византиската теологија и уметност“. И покрај силното влијание на грчките византолози на ваквите собири македонскиот научен тим на Конгресот учествуваше под уставното име.

Студијата на охриѓанецот Заров една од 30-те публикувани на Конгресот
Собирот што го организираше Асоцијацијата на византолози и медиевисти на Бугарија под патронатството на претседателот на Република Бугарија, Георги Прванов и УНЕСКО е најголемиот организиран византолошки конгрес досега, кој на едно место ги собра највидните претставници на светската византолошка мисла.
-Тематски Конгресот беше поделен во седум пленарни заседанија, триесет тркалезни маси и триесет слободни соопштенија кои опфаќаа различни аспекти на византологијата: политичка, црковна и социјална историја, историја на уметност, филологија теологија и археологија. Основната тема на конгресот „Византија без граници” го презентира местото и улогата на Византија и средновековниот свет поврзан со неа, како во минатото, така и во совремието. Резултатите на овој импозантен научен форум од највисок ранг беа публикувани во три тома. Во рамките на Конгресот беа организирани редица на културни манифестации, саем на книги во кои се третира најактуелната проблематика на светската византологија како и неколку исклучителни изложби меѓу кои и: „Сјајот на Византија“ каде беа презентирани ракописи од исклучителна вредност меѓу кои и неколку од Охрид. –истакна Заров.

15 македонски византолози учествуваа на Светскиот конгрес во Софија
По завршувањето на Конгресот што се одржува на пет години беше избрано ново претседателство на светската асоцијација на византолози, а Белград беше избран за домаќин на следниот византолошки конгрес кој ќе се одржи во 2016 година.











