Напаѓачот на Ливерпул, Луис Суарез, им се извини на сите оние, кои со упатените зборови кон играчот на Манчестер Јунајтед, Патрис Евра, ги навредил, но одби да му се извини на францускиот дефанзивец.
„Никогаш не сум го употребувал тој збор (негро) во негативна конотација. Доколку тој збор некого го навредил, тогаш сакам да се извинам. На челните луѓе во ФА им кажав дека тој збор повеќе нема да го употребувам на фудбалските терени во Англија“, рече Суарез.
Уругваецот поради случајот со Евра од страна на ФА заработи суспензија од осум натпревари, првиот меч од казната веќе го одработи во вторникот, кога Ливерпул загуби од Манчестер Сити.
„Нервозен сум поради чувството на немоќ во овие моменти. Ме обвинуваат за нешто за што не сум виновен. Во мојата земја тој збор се употребува во секојдневниот говор и никого не навредува. Ќе ја одработам суспензијата до крај, но ќе остане грчливиот вкус во устата, поради неправдата која мие нанесена мене и на мојот клуб“, заклучи Суарез.
Менаџерот на Манчестер Сити, Роберто Манчини, изјави дека клубот, во зимскиот преоден рок, ќе продава и нема да купува нови играчи. Според него први кои ќе го напуштат лидерот во Премиер лигата се Карлос Тевез и Вејн Бриџ.
„Потребно е да продадеме тројца или четворица фудбалери. Трансферите на Тевез и Бриџ би можеле да бидат договорени во следните неколку дена. Можеби и ќе донесеме некого, но најважно е да продаваме“, рече Манчини.
Заминувањето на Карлос Тевез е актуелно уште од септември минатата година, кога Аргентинецот, одби, како резерва да влезе во игра на мечот со Баерн Минхен. Манчини посочи дека за Тевез се заинтересирани три екипи од Италија, една од Франција и еден клуб за кој не откри од која земја доаѓа, околу трансферот на Даниеле де Роси, Манчини одговори дека не е сигурен дека тој воопшто сака да ја напушти Рома, иако на крајот од сезоната му истекува договорот.
“макфакс“
Ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com