Индискиот бизнисмен Субрата Рој утре ќе допатува во Охрид. Тој ќе слета на аеродромот „Св. Апостол Павле“, каде ќе го дочека министерот за финансии и вицепремиер Зоран Ставрески, кој ќе го придружува гостинот за време на дводневната посета на Охрид. 

Со претставници на владата делегацијата предводена од Субрата Рој ќе разговара околу деталите за изградба на туристичкиот комплекс во Љубаништа, како и за намерата за изградба на објектот посветен на Мајка Тереза на скопксиот плоштад.

Неодамна индиската компанија „Сахара Индија Паривар“, чиј сопственик е милијардерот Субрата Рој, до Владата достави предлог за изградба на супелуксузен туристички комплекс  „Сахаријан Македонија“, кој е предвидено да се протега на површина од 240 хектари. Според најавите тој ќе има три одделни ресорти.  Најголемиот е предвидено да се гради во Љубаништа, вториот на Галичица, а третиот во Преспа. Комплексот во Љубаништа, кој според најавите ќе биде изграден најпрво, содржи хотел на вода и апартмани од највисока класа, вили, бунгалови, марина, приватни плажи, казина и голф терени. Проектиран е од светски познатата проектанстака куќа  „Аткинс“, според највисоки еколошки стандарди.


„Сахара Индија Паривар“ е индијска конгломерат-компанија со седиште во Лакнау, во индиската сојузна држава Утар Прадеш. Компанијата е основана 1978 година од страна на Субрата Рој Сахара во Горакпур, исто така во Индија.

Тие своите бизниси ги насочуваат кон финанскискиот сектор, инфраструктурата и станбеното прашање, медиумите и забавниот живот како и производство и информатичка технологија. Компанијата во март 2011 година имаше финансиска состојба од 26 милијарди долари.

„Сахара“ како компанија е голем промотор на спортот во Индија, па и во светот. Сопственици се на 42,5 отсто од акциите во Формула 1 Индија, а прогласени се за едни од 100те најдоверливи компании во Индија од страна на Советот за доверба и истражување на Индија.

Сопственикот на компанијата, Субрата Рој е именуван за еден од десетте највлијателни личности во Индија, заедно со неговата компанија.

Општина Охрид најави дека ќе ја оспори на суд најавената инвестиција на индискиот милијардер Субрата Рој,  доколку локалната самоуправа не биде детално запознаена со проектот и не добие цврсти гаранции дека предвидената градба нема да го загрози статусот на Охридското Езеро како светско природно наследство заштитено од УНЕСКО.

Г.М.