Пред еден месец од локалната самоуправа информираа дека планираат да издвојат средства за субвенционирање на евтини авионски линии до охридскиот аеродром, како дел од ,,Програмата за развој на туризмот за 2014 година”.

Како што  вчера изјави градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, во тек се подготовките за распишување тендер за оваа намена, а доколку Антикорупциската комисија даде зелено светло, истиот би бил објавен веќе од идната недела.

Доколку добиеме зелено светло од Антикорупциската комисија, со оглед на тоа што влегуваме во изборен период, во текот на наредната недела ќе биде објавен тендерот за субвенционирање на авионски линии до охридскиот аеродром.“ – изјави првиот човек на Охрид, Никола Бакрачески.

Првите субвенционирани авио-летови најдоцна до јуни месец?

Доколку се тече според предвиденото, првите субвенционирани авионски летови се очекуваат во пред почетокот на годинешната летна сезона.

Се надевам дека авио-компании кои пројавија интерес во изминатиот период, односно оние со кои разговаравме за воспоставување редовни авионски линии од охридскиот аеродром, ќе покажат интерес и ќе се јават на овој оглад. Според мене, најповолниот понудувач ќе почне да оперира со овие летови од мај или јуни оваа година.“ – истакна Бакрачески.

Зголемен бројот на превезени патници во текот на летниот период

Според статистичките податоци на операторот на македонските аеродроми „Александар Велики“ Скопје и „Св. Апостол Павле“ – Охрид, „ТАВ Македонија“, во август  2013 споредено со истиот месец 2012 година, бројот на превезени патници преку двата аеродроми се зголемил за 20,5%.
Охридскиот аеродром го користеле 16.463 патници,а преку скопскиот патувале 115.023 патници.

И во минатото се најавуваа редовни авионски линии од охридскиот аеродром

Во текот на изминатите неколку месеци, медиумите во земјава повикувајќи се на свои извори, најавуваа дека аеродромот „Св. Апостол Павле“ ќе почне со воспоставување редовни авио-линии за Словенија, северна Италија, Австрија и Швајцарија, со нискобуџетните компании кои оперираат над европското небо.

Неоддамна започнаа директните летови од Скопје за Берлин

Граѓаните на Македонија, но и тие од регионот, од крајот на декември 2013 година имаат можност да патуваат до Берлин со директен лет. Во термините во понеделник и во петок, главниот град Скопје е поврзан со една од најпопуларните европски дестинации. Полетувањето во првиот ден од неделата е во 21 часот, додека непосредно пред викендот од „Александар Велики“ се поаѓа во 18.30.  

Воспоставувањето на оваа нова дестинација е во рамки на стратегијата на ТАВ за зголемување на бројот на директни летови кон големите центри во Европа. Авиокомпанијата „Германија“ и воздушниот оператор „Ер Приштина“ на македонските граѓани кои живеат и работат надвор од земјава ќе им обезбедат уште една можност за почесто да ги посетат своите семејства, но и на туристите и на бизнисмените ќе им овозможи полесен пристап до Македонија.“ – изјави неоддамна Зоран Крстевски, генерален директор на операторот на домашните аеродроми во Скопје и Охрид, „ТАВ Македонија“.

О.Т.