Судијката, Лидија Петровска, повторно го опструира случајот „Тврдина“ во кој Специјалното јавно обвинителство сомничи седум лица за кривично дело фалсификување на службена исправа и уништување на документација од Управата за безбедност и контраразузнавање.

„Денес од судот бевме известени дека всушност не се работи за прво рочиште за главна расправа, туку дека се работи за рочиште односно подготовка за главната расправа. Се дебатираше за тоа дали постојат или не постојат пречки судот да постапува по доказите коишто беа класифицирани, а беа предложени од наша страна. Се обидовме да го појасниме нашиот став дека таквите докази не постои пречка да бидат изведени во натамошната постапка. Се раководевме од досегашната пракса на судот и упативме, исклучиво посочувам на тоа дека не е непознато за судот да постапува по класифицирани информации, особено што и законот такво нешто дозволува“, рече обвинителката од СЈО, Ленче Ристовска пред судот.

Становиштето на судот е дека СЈО треба да добие дозвола од Управат за безбедност и контраразузнавање за да ги користи тие докази. „Од судот бевме задолжени да побараме од органот кој ги издал тие информации дозвола за тие да можат да бидат искористени во судската постапка, односно да бидат декласифицирани со степен на употреба за да може да се користат во оваа судска постапка“, додава Ристовска.

Според неа, за овој процес тоа значи кратко одложување и се надева дека ќе го надминат ова недоразбирање со судот. Таа смета дека со ваквата одлука на судот се доведуваат во прашање сите оние предмети во кои имало класифицирани информации, судот постапувал по нив, а кои не биле декласифицирани со степен на употреба во судска постапка.

OhridNews
извор Макфакс