Во инцидентот во Сарај по завршувањето на кошаркарскиот натпревар Лирија-МЗТ Скопје има тројца полесно повредени полицајци, додека во МВР немаат информации дали има повредени и меѓу навивачите кои се судрија со полицијата по тензичниот натпревар во кошаркарскиот куп.


Од МВР соопштија дека инцидентот се случил околу 19 часот и 40 минути кога дел од навивачите во салата се обиделе да ги нападнат кошаркарите на МЗТ но полицајците ги спречиле во намерата. Во салата во Сарај имало околу илјада гледачи на мечот од кои половината биле локални жители, додека другите биле дојдени од Скопје најмногу од Чаир и биле припадници на Шверцерите, навивачката група на Слога Југомагнат.
Токму тие биле најагресивни и се обиделе да се судрат со играчите на МЗТ, но полицијата ги спречила и ги принудила со автобусите со кои дошле да се вратат во Скопје. Дел од нив се вратил повторно пред салата каде се судриле со полицијата. По неколкуминутен судир состојбата е смирена.

И за време на првиот инцидент во салата и по враќањето и вториот судир со полицијата, навивачите ги гаѓале полицајците со искорнати столчиња и тврди предмети- велат од МВР. Од полицијата соопштија дека тројца полицајци се полесно повредени, но не знаеја дали има повредени и меѓу навивачите.

МВР не открива ниту дали има приведени, туку дека ќе бидат извршени разговори со инволвирани лица и сведоци по што ќе се знаат повеќе детали за инцидентот и какви пријави ќе бидат поднесени против агресивните хулигани.

“извор МВР“