Судија на претходна постапка вчера го одби како неосновано барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО за спроведување мерки на претпазливост кон осомничените во процесот „ТНТ“ , поранешниот премиер Никола Груевски, екс министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и градоначалникот на скопската општина Гази Баба, Тони Трајковски, соопшти Основниот суд Скопје 1 Скопје.

Притоа од Судот појаснуваат дека Специјалното јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, има право да поднесе жалба на оваа одлука во рок од 24 часа.

Претходно СЈО за сите тројца споменати во случајот за уривањето на објектот „Космос” во сопственост на бизнисменот и челник на политичката партија ПЕИ, Фијат Цаноски, побара одземање на нивните патни исправи, како и мерка на претпазливост, вклучително и домашен притвор.

Груевски, Јанакиески и Трајковски вчера попладнето се појавија на распит пред судија на претходна постапка, и по давањето на исказот за медиумите Груевски и Трајковски изјавија дека не се чувствуваат виновни и оти станува збор за обид на опозицијата и СЈО да ги оцрнат.

Специјалното јавно обвинителство во април годинава го презентираше случајот „ТНТ“ за уривањето на објектот „Космос“ во 2011 година, што го смета за наводна политичка одмазда кон Цаноски.

OhridNews
Извор:„Макфакс“