Основниот суд Скопје 1 ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и судија на претходна постапка одлучи да не ѝ биде одземен пасошот на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска која е првоосомничена во случајот „Тендери“ што го отвори СЈО, јавува „Макфакс“.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по жалба на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) изјавена против решение на судија на претходна постапка од 28.11.2016 година во предметот на СЈО познат како ‘Тендери’, донесе решение со кое жалбата на обвинителството се одбива, а се потврдува решението на судија на претходна постапка. Со решението од 28.11.2016 година судијата на претходна постапка го одби предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост против две лица“, се вели во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

По распитот во Судот, Канческа-Милевска изјави дека се прави политички театар од страна на најголемата опозициска партија СДСМ, кој го изведува спроведува Специјалното јавно обвинителство (СЈО).Случајот „Тендери“ се однесува на изведување на градежни работи на Музејот за македонска борба и државност, од страна на градежното претпријатие „Бетон“, кое било фаворизирано, осомничена е Канческа-Милевска и тројца членови на Комисија за јавни набавки од министерството.

СЈО ги товари дека го оштетиле буџетот за над еден милион евра. Пред да се објави оглас за услуги спротивно на принципите на конкуренција, пред да се донесе одлука за тоа првоосомничената донела одлука кој да ја добие и да ја заврши работата. Сведок за овој случај е тогашен генерален директор на „Бетон“ Штип и вели дека добил можност да ги продолжи работите каде веќе работеле на други изведби, а да не се чека 20 дена за да се објави новиот оглас за новите градежни работи. Отпосле биле објавувани огласи, бил потпишуван договор, а „Бетон“ веќе ги изведувал работите. Договорено било во огласот да се предвидат услови што може само Бетон да ги исполни.

Биле исплатени близу еден милион евра на сметка на „Бетон“, за изведба на овие градежни зафати, или 54.501.336 денари.

OhridNews
извор: „Макфакс“