На обвинителната клупа ќе се најдат капетанот на бродот, Сотир Филески и хрватскиот државјанин, Бранко Бајиќ, овластен претставник на германски „Лојд“, одговорен за техничкиот преглед на пловните објекти на Охридското Езеро во периодот кога се случи несреќата. Тие се товарат за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
На 5ти септември 2009 година бродот „Илинден“ со кој се превезуваа 56 патници, потона во Охридското Езеро на околу 200 метри од авто кампот „Елешец“, при што животот го загубија петнаесет бугарски туристи, а благодарение на присебноста и пожртвуваноста на посадите на бродовите „Александија“ и „Кристина“ кои биле во непосредна близина, спречена е поголема катастрофа.
Истрагата за бродската несреќа во која беа вклучени екперти од земјава и странство траеше повеќе месеци, а врз основа на извршеното вештачење и обемниот извештај на стручните лица, судот во Охрид покрена обвинителен акт. Паралелно со македонските, истрага спроведоа и бугарските власти, кои покренаа обвинение против организаторите на туристичкото патување во Охрид, кое било проследено со низа пропусти.
Најголемиот дел од жртвите беа жители на бугарските општини Пирдоп и Антов. Во знак на сеќавање на големата трагедија, на иницијатива на охридскиот Ротари клуб во градскиот парк на годишнината од бродската несреќа беше подигнато спомен обележје, а охриѓани формираа и здружение на граѓани „5-ти Септември“, кое работи на зближување на народите од двете држави.