Риболовот во Македонија нема стратегија, за што говори фактот дека 90 отсто од рибата која се конзумира на пазарот се увезува, вели Радован Димитриески од спортско риболовниот клиб „Св. Апостол Петар“, кој е гостин во најновото издание на емисијата „Охридски разговори“, која од денеска се емитува на OhridNews.

Состојбата во Охрид, според Димитриески,  е уште посериозна. „Годишно од Охридското Езеро се запленуваат 4000  мрежи, а се поднесуваат едвај 10 пријави, од кои дали една се процесуира. Судските одлуките пак против прекршителите се толку смешни, што планираме да ги објавиме во „Остен“, посочува Димитриески.
Тој укажува дека запленетата пастрмка повеќе не се предава на угостителите, туку на затворите, што според Димитриески е уште една нелогичност. За состојбите со рибарството и рибниот фонд, за спрегата помеѓу криминалот и институциите, за проблемите да се зачуваат природните живеалишта на рибата и напорите за промоција на риболовниот туризам, отворено, без влакна на јазикот, во „Охридски разговори“ говори Радован Димитриески.


OhridNews