СПЕКТАКЛ. Што друго да се помисли кога во најубавото од Македонија, Охридско Езеро, во трка со живописната природа доаѓа кремот, најдоброто од светската елита во маратонското пливање? Маратонците кои се светски патници во еден глас коментираат дека едвај чекаат да дојдат во Охрид и да се натпреваруваат на еден од најубавите маратони во светот.


Но најголемата спортска манифестација во Македонија, наместо поле за спортски натпревар, е полигон за вечна пресметка меѓу суетите и личните интереси.

Битката на суетите на политичките елити на локално и на национално ниво, како и вечната пресметка на македонските маратонски легенди го доведоа Охридскиот пливачки маратон од трка со светски сјај, во натпревар кој „наврат-нанос“ мора да се одржи, и тоа не поради нешто друго, туку за да не црвенееме пред светската пливачка елита, која зачудена и цела во прашалници стои настрана и не може да поверува што ни се случува.

Маратонската трка станува најпривлечната манифестација, каде што може да се поентира и да се искористи за лична промоција, наспроти општото добро, како и да се актуелизираат секојдневните проблеми што нé опкружуваат. Така и охридските бродари кои еден месец стојат закотвени на охридското пристаништето го кренаа својот глас, да ги чуе светот дека и тие жалат што првпат по одржувањето на маратонот нема да бидат дел од флотата која ја прави глетката впечатлива, а спектаклот неповторлив.

За жал, од своето обновување во 1992 година, па до денес Охридскиот пливачки маратон, кој имаше 18 изданија, е проследен со низа помали или поголеми скандали и афери. Немањето финансии, калкулирањето до последен момент со префрлување на средствата на сметката на техничкиот организатор на маратонот резултираат со сé полоша и полоша организација.

Некогаш охридското пристаниште беше претесно да ги прими сите љубители на пливањето и водните спортови, додека сега сјајот на манифестацијата е избледен до таму што и самите охриѓани не знаат кога се одржува маратонот. Жална е констатацијата – за граѓаните да нема никаков промотивен материјал, кој би навестил дека се одржува манифестација од светски ранг.

Ако може да биде некаква утеха е тоа што сите инволвирани во маратонот, спортските работници и институциите на локално и на државно ниво се свесни и на глас зборуваат дека некогаш најголемата спортска манифестација ниту од далеку не она што беше и дека мора посеризно да се сфати овој настан.

Идната година е сребрениот јубилеј, 25. трка на маратонот во Охрид, време е да се засукаат ракавите, да се заборават ситнопрофитерските игри, личните суети да се потиснат на дното и на светот да му сервираме СПЕКТАКЛ.

М.П.