Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани вчеравечер присуствуваше на концертот со кој беше заокружена музичката програма на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“.

Со настапот на квартетот „Глам“ од Полска и пијанистот Стен Брекинриџ од Соединетите Американски Држави ја заокружуваме музичката програма на 66-тото издание на фестивалот „Охридско лето“. Од првата вечер до денес, Охрид беше сцена на која се сретнаа различни култури, традиции и уметнички изрази, под отворено небо и на простори со вековна историја. Тоа е суштината на „Охридско лето“ – преку уметноста да ги поврзува луѓето и да отвора нови хоризонти, рече Сулејмани.

Ова фестивалско издание остави зад себе голем број концерти, претстави и средби со врвни уметници. Рекордната посетеност е само потврда дека публиката ја препознава вредноста на фестивалот и дека културата има значајно место во нашето општество, истакна министерот.

Наша обврска е да ја чуваме оваа традиција, да го поддржуваме врвниот уметнички квалитет и да создадеме услови „Охридско лето“ да продолжи да расте, да се развива и да биде фестивал отворен за сите, за секоја генерација, за секој уметник и за секој љубител на уметноста, рече Сулејмани.
Со концертот е затворена музичката програма, додека завесата на 66-то издание на „Охридско лето“ ќе биде спуштена вечерва со македонскиот мјузикл „Као какао“, инспириран од музиката на Влатко Стефановски.
OhridNews











