Ракометарите на Охрид доживеаја неочекуван пораз во 6 коло од плеј-офот. Вечерва во салата „Билјанини извори“ бледиот Охрид загуби од Бутел 29:31, полувреме 17:14.

Охрид иако не беше на своето ниво, во првото полувреме имаше контрола и врз играта и врз резултатот. На полувреме „гладијаторите“ заминаа со +3 кои се покажаа недоволни за победа која сите ја очекуваа. Но, Бутел не мислеше така.

По 10 минути игра во второто полувреме на семафорот стоеше 20:20. Охрид како да играше без голмани, додека на спротивната страна голманите на Бутел правеа чуда. Гостите набрзо поведоа и не го испуштија водството до крајот на мечот. Охрид во финишот се обиде со пресинг игра да се извади од непријатната ситуација, но грешките во нападот, порозната одбрана и разбранетите гостински голмани го чинеа домаќинот заслужен пораз.

Статистика ГРК Охрид: Чаневски, Ѓорѓески 1, Ојлески 4, Мацуока 3, Јукиќ 2, Ристески, Тасески 2, Шафранко 1, Кукоски, Крстевски, Пешиќ 4, Кукуловски, Орјоникидзе 5, Бојаниќ, Винисиус, Цирар 7.

Во следното коло од плеј-офот Охрид му гостува на Пелистер во Битола.

Г.М.